21 September, 2025

Критична маса #92: „Градоначалници, доста беа лепенки. Време за нова гума!“

Датум: среда, 24.09.2025

Почеток: 17:30, Плоштад Македонија
Крај: 18:30, Школка, Градски парк

----------------------------------
Facebook настан: линк
Рута: линк
Промотивни материјали: линк
10 чекори до пешачко и велосипедско Скопје: линк
----------------------------------

Идни градоначалници, доста беа лепенки! Време е за нова гума!

Постерот за КМ #92
[дизајн: Игор Делов]

Скопје се ближи кон нова шанса за промена и чувствуваме порив повторно да излеземе заедно на неговите улици, на точак и да го повториме она што го зборуваме и бараме веќе 13 години.
Се обидуваме да не се фокусираме на она што не чини, туку на можноста тоа да се промени. Да потсетиме уште еднаш на придобивките за градот и неговите жители кога тој се крои по мерка на човекот, а не на лимена кутија.
Не сакаме да викаме дека Скопје е лош град, затоа што тоа не е карактеристика на градот, туку на оној кој го обликува. Тука не спаѓаат исклучиво градоначалниците и советниците, туку и сите институции кои се занимаваат со проблеми како безбедност, загадување и квалитет на живот.
Не сакаме да бидеме напорни сега кога од сите страни ќе се слушаат кампањи, сакаме само да покажеме колку Скопје може да биде убаво кога ќе ги наполниме улиците со точаци, а воздухот со ѕрн-ѕрн.
А тоа може да се претвори во секојдневна ситуација, доколку тоа е визијата на следниот градоначалник. Многу пати до сега сме го користеле овој збор - визија, која дефинитивно им фали на нашите кројачи на политики. Визија значи цел која не произлегува од плукни-залепи решенија на моменталните проблеми, туку нивно решавање на друго, долгорочно ниво, гледање на големата слика. Како сакаме градот да изгледа за одреден временски период и континуирано делување во различни сфери за постигнување на целта.
Често првите чекори за исполнување на ваквите визии се непопуларни кај народот бидејќи разултатот не е моментален, но со текот на времето луѓето ги препознаваат и уживаат квалитетите. Да се има визија и план за нејзино постигнување вклучува донесување одлуки кои не само што го менуваат градот, туку и навиките на луѓето, а токму во тоа е и умешноста. Фактот што Скопје во моментот е автоцентричен град не значи дека таков треба да остане засекогаш. Проблемите кои произлегуваат од автоцентричноста не се решаваат со одлуки кои повеќе ја утврдуваат. Решенијата плукни-залепи носат политички поени, но не создаваат безбеден и квалитетен град.
Кандидатите за градоначалници сега конкурираат за нивното следно работно место, па ајде да им го поставиме прашањето со кое се среќава секој кандидат за работа при интервју - Каде се гледате за 4 години, или подобро, каде го гледате градот за 4 години?
Ние се гледаме во смирено Скопје, без жртви во сообраќајот, се гледаме како возиме точак на густа и поврзана вело мрежа со сенки и уживаме и пешачиме на слободни јавни простори. Имаме мноштво на транспортни опции за движење низ градот и околината: имаме систем за изнајмување велосипеди, имаме регуларни автобуси, но и брз јавен превоз во свои ленти и активиран железнички прстен. Го искусуваме градот на различни начини (не само од автомобил) и сите го сакаме повеќе.
А, имаме и конкретни предлози за исполнување на оваа визија, кои ги испративме до сите политички партии кои ќе учествуваат на локалните избори. Нашите предлог-чекори до пешачко и велосипедско Скопје се резултат на секојдневно возење точак, анализирање и следење практики во блиски и подалечни градови. Истите предлози беа испратени и пред 4 години до тогашните кандидати, но за жал се уште се актуелни.
Вело-град е квалитетен град. Придобивките од вело-град не се задржуваат само на оние кои го користат точакот како превозно средство, туку преминуваат на сите. Промената на сообраќајната хиерархија ќе го направи пешакот (она што сите сме примарно) достоинствен и ќе поттикне повеќе пешачко движење кое е најздравата препорачана навика. Горливиот проблем со безбедноста нé направи анкциозни при движење и преминување на улица. Визија 0 и зона 30 се однесуваат на коренот на безбедноста на улиците, односно на системско намалување на можностите за случување на сообраќаен судир со жртви преку дизајнот на улиците.  Вело инфраструктурата и нејзините елементи како слеаните рабници се пријателски кон се што вклучува тркала, односно детски колички, колички за лица со попреченост и разни помагала, што ќе го направат градот пристапен за сите, а не само за оние кои се во пикот на физичката спремност. Со надградување на јавниот превоз на квалитетно ниво и негово интегрирање со велосипедската мрежа и слободните тротоари за движење истиот ќе му стане конкурент на автомобилот. Па така, проблемите со паркинг и гужва на улиците не се решаваат со повеќе паркинг места и ширење улици, туку со менување навики преку подобрување на условите за алтернативен сообраќај, односно со правење на јавниот превоз и возењето велосипед толку практично и безбедно што потребата од возење автомобил ќе се намали. Со тоа ќе се намали загадувањето на воздухот, луѓето на точак попатно ќе практикуваат дневна рекреација која е здрава за телото и умот и веќе преминуваме на индиректните последици како намалување на ризик од срцеви заболувања и намалување на товарот на здравството. Во индиректните последици спаѓаат и локалните економски придобивки, поточно користењето на локални продавници и услуги попатно, бидејќи од точак многу е полесно да здогледаш нешто и да застанеш да си испазариш. Одржлив начин на превоз од секој аспект.
Точак, едноставна направа, а толкава моќ за трансформација.
Вело-град се бира секој ден, со секоја одлука. Во изминатите години видовме како се изведува вело лента на постоечка улица, а истовремено се гради нова улица без велосипедска патека и со субстандартен тротоар со улични светилки на средина. Се реконструира велосипедска патека, а потоа на истата се поставуваат контејнери. Последиците од лошите прилепени решенија остануваат долго после четирите години мандат. Затоа бараме обмислени програми со конкретни решенија за постигнување на долгорочна визија за безбедно и убаво Скопје. Не лепенки, туку нова гума!
Скопје на точак и единствена грижа да ни биде временската прогноза и како да се облечеме.
Не, од каде да возам за да не ме удри кола.
Не, од каде да возам за да не паднам поради неслеан рабник.
Не, каде да паркирам, дали е безбедно.
Не, каде да го чувам точакот а, да не го носам во раце по скали.
Не, која рута да ја бирам за да не чекам на семафори на сонце на 40 степени по 5 минути.
Последната среда од месецот, 24.09.2025, во 17:30 од Плоштад Македонија, а во пресрет на локалните избори, возиме 92-ра Критична Маса за да покажеме дека нѐ има многу кои секој ден бираме точак и сме свесни за неговиот потенцијал да разубави градови и денови.
*Секој учесник вози на своја одговорност.

18 September, 2025

Промотивни материјали за КМ #92: „Градоначалници, доста беа лепенки! Време за нова гума!“

[дизајн: Игор Делов, вебсајт]

Промотивните материјали од овој блог-пост може слободно да се споделуваат, печатат, да се лепат на соодветни локации во градот, да се користат во рамки на објави за настанот или како линкови.
Однапред ви благодариме на сите за помагањето да се прошири информацијата за Критична маса #92.

Голема благодарност до Игор и за овој дизајн. Гумата издиша, а лепенки веќе не ни вршат работа.
Идни градоначалници, време е за нова гума!

Се гледаме на Критична маса #92!

МАТЕРИЈАЛИ ЗА ВЕБЗ

Постер, верзија за веб

Facebook event cover

Facebook post portrait

Facebook Profile cover photo

Instagram post portrait

Instagram Story

Банер, 800 x 200 pixels


Банер, 980 x 100 pixels

Банер, 300 x 250 pixels

16 September, 2025

МВР не ги прифати предлозите на НаТочак за промените во Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата

 Во мај 2025 НаТочак, користејќи ја платформата на ЕНЕР, достави свои предлози за новата верзија на Законот за безбедност во сообраќајот на патиштата, кој претрпува измени заради системот Безбеден град. 

НаТочак истото го прави во скоро секој циклус на промени на ЗБСП. Дел биле прифатени, дел одбиени, но овој пат, за прв пат, МВР не даде објаснување зошто ги одбива сите предлози. 



Во продолжение oтвореното писмо на НаТочак до Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски:

06 August, 2025

10 чекори до пешачко и велосипедско Скопје 2025-2029

4 години по предлозите кои ги пративме до политичките партии кои учествуваа на локалните избори во 2021 спремивме нови предлози кои повторно им ги праќаме.


Пред 4 години дел од кандидатите вклучија наши предлози во нивните кампањи. Затоа оваа година повторно им испраќаме серија предлози - 10 чекори до пешачко и велосипедско Скопје 2025-2029.


 Дописот е во продолжение како текст или како pdf на линкот. 

[дизајн: Брејнстер, линк]


Дизајн на предна страна: Брејнстер


10 чекори до велосипедско и пешачко Скопје 2025-2029 

СКОПЈЕ ВЕЛОГРАД ВО ЕДЕН МАНДАТ!


Во изминатите 13 години НаТочак ги возеше улиците, анализираше, пишуваше и покажа дека на Скопје му се потребни промени во повеќе области за да стане квалитетен град за живеење, град со одржлив и безбеден сообраќај, пријателски за пешачење и возење велосипед. 

Скопје започна да се менува на подобро пред 11 години со проектот „Скопје Велоград“ и во 2 градоначалнички мандати (и тоа од градоначалници од спротивставени опции) одржа континуитет во позитивните промени, но во последните 4 години промените стагнираa. 

Пред точно 4 години по повод тогашните локални избори, НаТочак изготви листа на „10 чекори до пешачко и велосипедско Скопје 2025“ кои, за жал, сè уште се актуелни. 

Со малку свеж поглед на работите, ги преработуваме во очи наредните локални избори, со надеж дека Скопје повторно ќе се врати на патот кој беше започнат и дополнително ќе го унапреди утврденото, станувајќи град во кој живеењето и посетата ќе бидат пријатно искуство на неговите улици. 

Ако може да се сумира сè во 10 точки, тогаш ова се областите каде е потребно да работи идната локална  власт во Градот Скопје и општините:



1.  Распространета велосипедска мрежа 

За едно превозно средство да биде практично и употребливо, потребни се поврзани мрежи, не отсечки од патеки тука и таму. Град Скопје започна со планирање на велосипедска мрежа преку проектот Скопје Велоград во 2014, но таа мрежа ниту целосно се изведе, ниту значително се надогради. 

Град Скопје како предводник, во соработка со Општините, треба да изготви План за велосипедска мрежа со цел да се обезбедат велосипедски патеки и ленти или велосипедски улици на секои 250 метри (според европските препораки), блиску до сечиј дом/работно/место/дестинација од интерес на жителите и посетителите. Тоа треба да го направат преку праведно распределен буџет за патна инфраструктура (минимум 15+15% за пешачка + велосипедска инфраструктура), праведно распределени улични профили (да не е посветено повеќе од 50% на автомобилскиот сообраќај споредено со пешачки+велосипедски сообраќај + зеленило заедно), патни диети, проширување на регулации и иновативни решенија. 

Скопје има околу 144  км велосипедска инфраструктура, зошто да не си поставиме цел да стигнеме до 300 км и да станеме највело-пријателски град на Балканот? 

Велосипедски решенија за сите главни сообраќајници. Зголемена широчина и сенки од дрвја на велосипедските патеки на  булеварите. Вело-пријателски крстосници и кружни текови. Велосипедски конектори низ четвртите. Вело-пријателски ГУП и ДУП-ови. Наместо кутар голем, а без визија заробен град на автоцентризмот, Скопје со сеопфатна велосипедска мрежа ќе стане град на транспортни и рекреативни можности за сите! 

2. Слободни тротоари и квалитетен јавен простор 

Сите со радост се сеќаваме на убавите јавни простори од градовите низ светот кои сме ги посетиле, не на можноста за паркирање кола пред врата. Сите повеќе си го сакаме маалото и уживаме во деловите на Скопје каде што има слободен и убав простор каде слободно можеме да се движиме и прошетаме. Пречките на тротоарите како нелегално паркирани возила, урбана опрема и сл. ни создаваат напнатост во секојдневието и чувство дека овој град не е град каде жители со права се луѓето. Особено стануваме свесни кога треба да прошетаме мали деца!

Од друга страна, лесно забораваме дека некогаш и на Партизанска не можеше да се движи човек пеш од паркирани автомобили, а денес е една од поомилените променади. Потребна била само политичка одлучност и здраво поставување на приоритетите од градоначалниците. Така убаво и уште поубаво може да ни биде целото Скопје!
Град Скопје, и особено општините, треба да работат на решителна акција за: етапно ослободување на тротоарите од возила, дислоцирање на лошо поставена урбана опрема и правење на тротоарите и целиот јавен простор пошироки, поквалитетни, лесно достапни и пристапни (не со високи рабници) за сите граѓани. Тоа треба да го направат преку добро осмислени и строги политики за јавно паркирање, правила за урбана опрема (контејнери, тераси од кафеани), физичка заштита и квалитетно уредување и озеленување. 

Скопје треба да даде палета на содржини во јавните простори! 

Ова секако е непосредно врзано со точка 10 и промена на сообраќајниот систем. Кога луѓето ќе добијат квалитетни алтернативи во облик на јавен превоз и велосипедска мрежа, нема толку да имаат потреба од автомобили.

3. Вардарска зелена активна магистрала  

Низ цело Скопје од запад до исток протекува река, која е вековен симбол на градот, но не е целосно достапен и искористен во неговиот потенцијал!

Кејот на Вардар треба да стане зелен коридор на Градот Скопје и негова најголема гордост со неговата поврзаност, уредување, чистота, препознатливост, промоција на здравје!

Главна велосипедска магистрала запад-исток, а попатно и пешачка и рекреативна со многу рекреативни содржини за сите возрасти. Двете страни на реката треба да имаат ист третман, да се продолжат кон крајните граници на градот (на запад низ Ѓорче до завршетокот на урбаниот дел од Сарај и на исток до границите на Аеродром и Гази Баба со Студеничани и Петровец), како и да се интегрираат во остатокот  од велосипедската мрежа преку возливи рампи кон секој мост и конектори кон населените места. Секој нов мост на реката Вардар мора да биде или пешачко-велосипедски или задолжително да содржи и квалитетно  велосипедско решение, покрај автомобилското. Кејовите на реката Вардар и другите реки по целата  должина треба да дадат примат на зеленилото и луѓето, а не автомобилите и зградите.  

4. Паркинзи за велосипеди 

Велосипедот е превозното средство кое поради малиот габарит не пречи да се користи до врата! Но мора да има каде да го паркираш, за што да го врзеш и да не го мислиш. 

Град Скопје и општините да ги искористат своите надлежности од областа на урбанистичкото планирање и  уредувањето на просторот и да го направат паркирањето велосипеди возможно, практично и безбедно. За  таа цел потребно е да донесат што поскоро соодветни одлуки за обврска за велосипедски паркинг и  стандарди за секој нов објект и сите јавни простори, а за постоечките објекти да се бараат иновативни  решенија. Секој ден одолговлекување е објект повеќе со несредено паркирање за велосипеди и велосипеди кои ги блокираат ходниците и оградите во зградите. Град Скопје и општините да изработат голем број функционални држачи за велосипеди и според истражување, анкети или јавни повици да ги постават на места каде истовремено граѓаните имаат потреба од нив и не пречат на движењето. 

Секој јавен паркинг за автомобили да посветува одреден процент од местата на паркирање велосипеди. 

5. Систем за изнајмување велосипеди како дел од паметно Скопје 

На Скопје покрај јавен автобуски/трамвајски/БРТ (каков и да се докаже стручно дека е најдобар носечки) превоз, му е потребен и јавен велосипедски превоз, односно препознатлив, Скопје-брендиран, практичен и квалитетен, автоматизиран систем за споделување на велосипеди. 

Изборот на станици за изнајмување треба да биде поткрепен со анализи, тие треба да бидат распространети и достапни ширум целиот град, блиску до сечиј дом и до сите поважни дестинации и да се осмислено надополнување на јавниот автобуски превоз. Изнајмувањето велосипеди треба да е дел од еден паметен систем за движење низ градот, каде со иста картичка граѓаните ќе можат да се возат во автобус, да изнајмат велосипед, да изнајмат тротинет, сето тоа направено интегрирано, супер-практично, брзо и доволно привлечно за да се намали употребата на автомобилите. 

6. Визија нула и Зона 30 

Кога ќе се спомне безбедност во сообраќајот, сите вперуваат прст кон МВР, но активноста на МВР иако круцијална, е на крајот на синџирот. На почетокот на синџирот одговорноста е на локалните власти кои ја креираат инфраструктурата која поттикнува да (не) се случат воопшто сообраќајките. Ова многу држави и градови го сфатија и донесоа свои стратешки т.н. „Визија нула“ документи.

Свесни се дека и при најголема контрола луѓето секогаш ќе грешат, па затоа делуваат превентивно и ги преземаат сите можни мерки за грешките да се со помали последици, односно тешки сообраќајки воопшто да не се случат и бројот на жртви особено во урбана средина, да се стреми кон нула.

Ако направиме булевари на кои навистина ќе се вози со 50 км/час (а немаат ленти широки 3,5 метри за проектна брзина од 100 км/час), ако сите улици надвор од булеварите се прогласени за Зона 30 и дизајнирани навистина за 30 км/час, ако пешаците и велосипедистите се почитувани од самиот Град и општини, ако нивниот простор е достоинствен, тогаш ќе бидат почитувани и од возачите и епилогот на жртви на крајот од годината ќе биде сосем поинаков. 

Потребно е целата територија на Скопје (освен булеварите со повеќе сообраќајни ленти за возила и  издвоени пешачки и велосипедски патеки) да се прогласи одеднаш за Зона 30, а улиците кои немаат  издвоени тротоари да се прогласат за Зона 20. Ограничувањето на брзината треба реално да се обезбеди  преку дизајнот на улиците (потесни автомобилски ленти, помали радиуси на свртување, подигнати/рапави пешачки  премини, шикани, микро-кружни текови, патни диети, почести и пократки пешачки премини, заштитени  острови итн.). 

Скопје треба да донесе стратешки документ за безбедноста во сообраќајот ВИЗИЈА НУЛА со кој сите  активности на сите институции ќе придонесуваат кон целта за нула жртви во сообраќајот. 

7. Процедури, стандарди, транспарентност, партиципативност 

Во исчекување сме да се донесе историски првиот Правилник за планирање, проектирање, изградба и одржување на велосипедска инфраструктура од Министерството за транспорт. Ако тоа се случи, ќе се подигне нивото на дискусија и наместо да дискутираме дали патеките треба да бидат пристапни со спуштени рабници или не, тоа прашање ќе биде надминато и ќе дискутираме каде следно да се испочитува правилникот и како да се подигне квалитетот. 

Многу градови и покрај правилниците, донесуваат дополнително свои градски процедури, прирачници и детали (прирачници за дизајнирање на улици каде минува јавен превоз, детали за третманот на дрво при поплочување, процедури за обезбедувањето заштитена пешачка патека при градежни работи итн.) за градежните активности, со цел запазување безбедност, предвидливост и препознатливост на градот. 

Одлуките за начинот на изведувањето не смеат да бидат оставени на секој изведувач и работник како си замислува.  Градот мора да има своја визија и процедури „на хартија“ и врз база на нив да бара отчетност.

Јавноста мора да биде информирана не преку рекламни спотови и анимации за веќе усвоени проекти (=„терапија“ во Скалата на партиципација), туку проектите од јавен интерес (како проектите за улици или јавни простори) да бидат лесно достапни во  порана фаза, а граѓаните да бидат проактивно вклучени во процесите и да се воспостави партнерски однос.  

Најголема партиципативност очекуваме во однос на изработката и донесувањето на новиот ГУП. Тој е местото каде ќе се постави сообраќајниот систем на градот. 

8. Денови без автомобили / улици за луѓе 

Скопје со години се приклучуваше на Европската недела на мобилност, но за моторен сообраќај се затвораше само една улица (Димитрие Чуповски - Рекорд), достапна до мал број жители. Настанот малку се промовираше и крајниот ефект беше само сликање на градоначалникот со група средношколци, без граѓаните да го доживеат денот како прослава на велосипедот или зелената мобилност. 

Во 2021-ва имаше прилично добро организиран настан „Улици за луѓе“ на бул. Васко Карангелески, меѓутоа повторно на само една локација, а Скопје е веќе многу голем град. 

Доколку Градот Скопје има визија за зелена мобилност и живи јавни простори, тогаш треба барем еден викенд во месецот дел од улиците во Скопје низ различни општини да бидат Улици за луѓе, наместо за автомобили. Односно повеќе улици да се затворат за автомобилски сообраќај, а да се отворат за пешачење, возење  велосипед, рекреација, социјализација, детска игра и маалски живот. На овој начин многу градови во светот им ги зголемуваат просторите за рекреација на граѓаните и им доловуваат сосем поинаква перспектива на градските улици. Улици без автомобили, Отворени улици, Живи улици, Улици за луѓе, Улици за игра, Улици за рекреација, Ciclovia… се само дел од имињата на сличните настани низ светот. Скопје може да смисли свое име, своја програма и да стане далеку поинтересен и попривлечен град од она што е во моментов. И за жителите и за посетителите. 

9. Субвенции за велосипеди и велосипедска опрема 

Субвенциите се една од најлесно спроведливите и најпопулистички мерки кои ги спроведуваат општините и Градот Скопје. Многу е полесно да се доделат субвенции и да се „купи“ задоволство кај граѓани без никој да се налути со субвенции, отколку со ослободување на тротоар од автомобили (каде некои ќе бидат задоволни, а некои незадоволни и ќе им треба доста време да ги видат бенефитите). Субвенциите ги поддржуваме единствено како продуктивен маркетинг. Не се даваат средства за билборди на кои пишува „Возете точак“, туку голем број граѓани всушност и добиваат реален точак, а дел и ќе го возат (ако има каде). 

Поддржуваме воведување субвенции за купување на нов велосипед од оние општини кои досега немале или имале повици за субвенции мал број пати, а за оние кои веќе имале и каде интересот се исцрпува, предлагаме да  направат диверзификација на она што се субвенционира. На пример, да се воведат субвенции: 1. за комплетен сервис и доопремување на стари велосипеди (продолжување на употреба и  циркуларна економија), 2. за специјални велосипеди (трицикли, рачни велосипеди итн. за лица со посебни  потреби, карго и други велосипеди за мали бизниси) и 3. фокусирано субвенционирање на велосипеди за  економски и социјално загрозени групи.

На тој начин ќе се поттикнат вело-бизнисите: 1. да набават опрема (различни светла, ѕвончиња, ретровизори, различни корпи, приколки и детски седишта за различни возрасти) кои ќе ги направат велосипедите вистинско урбано превозно средство; 2. да набават или изработат специјални велосипеди кои се речиси недостапни кај нас (велосипеди за лица со посебни потреби, карго-велосипеди итн.). 3. Субвенционирањето фокусирано на економски и социјално загрозени групи со можеби помал број субвенции, но повисока финансиска помош, ќе им овозможи велосипеди баш на оние кои не можат да си дозволат. 

10. Промена на сообраќајниот систем на Скопје 

Скопје мора да ги промени приоритетите во планирањето и уредувањето на јавниот простор, односно да ја  промени хиерархијата на учесниците во сообраќајот со приоретизирање на потребите на пешаците,  велосипедистите и јавниот транспорт за нивна безбедност, погодност и комфорност. 

Соодветно на тоа, треба да се мери и анализира од ЦУКС и во сите прилики и велосипедскиот, а не само автомобилскиот сообраќај (треба да се постават бројачи за велосипеди на избрани локации низ градот); семафорскиот систем да биде пријателски за пешаци и велосипеди; да се интегрираат велосипедскиот и јавниот превоз како силна противтежа на автоцентричноста, а новиот ГУП и СУМП да бидат со сосем поинаква сообраќајна философија.

Само така, со обезбедени простори, можности, брзина, удобност и квалитет за сите типови движење, ќе се даде противтежа на автомобилот и Скопје ќе се ослободи од робувањето кон него. Автомобилот ќе стане една од опциите, а не единствената. Само така, Скопје ќе стане убав град, комфорен, одглавен, слободен! 

Со работењето на овие 10 точки, не само што Скопје би станал попријателски и побезбеден град за  пешачење и возење точак и граѓаните би добиле диверзитет на транспортни опции, туку ќе се поттикнат и  редица други придобивки:  

  • Зголемено чувство на безбедност и припадност кон градот, поттикнување на поодговорно граѓанство;

  • Независна мобилност и поголеми можности за лицата помлади од 18 и постари од 65 години, лицата со  хендикеп, членовите од семејствата кои имаат само 1 или немаат автомобил, жените, граѓаните кои  сакаат да го намалат своето штетно влијание врз природата, невработените, социјално загрозените лица; 

  • Заживување на маалскиот живот и поттик за малите бизниси; 

  • Помала емисија на C02, митигација на климатските промени; 

  • Повеќе простор за зеленило и помал отпечаток врз природата споредено со автоцентричното планирање; 

  • Помало загадување и бучава, попријатни улици, порелаксирано и поквалитетно живеење со истакнување  на добрите страни на градот како место на живеење и минимизирање на лошите; 

  • Подобрување на личното и јавното здравје и заштеди во здравството; 

  • Луѓето ќе живеат подолго, поздраво, попродуктивно, посреќно. 


Нашата визија е Скопје до 2030-та да стане најпријателскиот за пешаци и велосипеди град на Балканот, со  модално учество на велосипедите од 15% од градскиот сообраќај и со нула жртви во сообраќајот, град кој е  зелен и пријатен за живеење.

Која е вашата? 

П.С. Иако овој документ напишан со фокус на Скопје, сепак принципите важат за секој град во Македонија. НаТочак стои на располагање на сите кои сметаат дека овие предлози можат да ги стават во својата програма и да ги изведат по стапување на позиција градоначалник.


Со почит,
НаТочак

natochak@gmail.com
https://facebook.com/natochak
https://natochak.blogspot.com A grey rectangular sign with black letters

AI-generated content may be incorrect.